Случајот со набавката на софтверот на екс генералниот секретар на Владата Драги Рашковски преку неговата фирма Инвока груп не е единствениот предмет кој Антикорупциска го отвори за него. Рашковски покрај оваа набавка дополнително го добил и тендерот за опремата на софтверот во износ од околу 300 илјади евра. За што конкретно станува збор.
„За тие што се поврзани со самиот предмет, на камери, АПН камери, некои сталци, подвижни кабини. Има повеќе јавни набавки со што износот на средствата кои се потрошени за тие договори е голем. Некаде околу 18 милиони денари мислам дека станува збор“, рече Катица Николовска од Антикорупциска комисија.
Јавното обвинителство веќе отвори постапка, а од антикорупуциска велат дека и тие нема да се откажат од предметот, туку заеднички ќе го водат.
„Се договоривме се што имаме како известување и допис до нив да доставиме тие ќе продолжат бидејќи сепак нивните ингеренции се многу поголеми од нашите. На крајот на денот се што ние утврдуваме и докажуваме го доставуваме повторно до нив на нивно преиспитување и дополнително обезбедување докази“, додаде Николовска.
Рашковски во моментов е во притворот во затворот Шутка за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци за МВР кој никогаш не е употребен. За овој софтвер фирмата на Рашковски добила 81.000 евра. Од МВР тогаш рекоа дека ниту знаеле дека е набавен ваков софтвер ниту планираат да го користат.
