Се разоткриваат контурите на владината демографска политика – мајка, татко, брат, сестра и јас, минимум петточлено семејство во фокусот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири дена од 2026 година и три посети на нови, реновирани или проширени градинки. За утре е најавена исто така посета на локација со нова градинка. Ова се активностите на премиерот Христијан Мицкоски на стартот од оваа година. Пораката е унифицирана, а тоа е дека се создаваат услови за грижа на најмладите. Сепак, целта која може да се открие од изјавите е дека македонските семејства мора да бидат многудетни, односно со минимум три деца.

„Утре ве поканувам во скопско Сопиште, исто така, медиумите ги поканувам се разбира, отвораме исто така градинка и продолжуваме во периодот кој што следи. Кога на ова ќе се додадат и оние книги кој што ги добија првоодделенците дека семејството претставува мајка, татко, сестра, брат и јас, тогаш јасно ги дефинираме политиките на оваа влада и во таа насока ќе продолжуваме и во иднина, да, нели промовираме таков тип на политики.“

Мицкоски и денеска повтори дека не се плаши од критиките дека се залага за вакви политики.

„Политика која што подразбира брак, деца, затоа што тоа е иднината на државата и тоа е иднината на нацијата. Се останато претставуваат вредности кои што, со сиот ризик да бидам повторно критикуван, оваа влада не може да ги промовира. Односно, оваа влада ќе промовира секогаш про-семејни вредности и вредности за кои што мислиме да претставуваат основа и темел на една нација и една држава.“, вели Христијан Мицкоски.

Премиерот неколку пати до сега потенцираше дека не се плаши да биде напаѓан поради ваквите политики. Тоа првпат го спомна пред неколку месеци.

„Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив.“, додаде Христијан Мицкоски.

Освен градинките и шесте ин витро третмани на сметка на државата, за оваа 2026 година се најавуваат сет мерки за поттикнување на наталитетот.

„Ние како влада ќе продолжиме и понатаму да работиме. Ги охрабруваме општините да продолжат со оној проект, да речеме, парцијализација за млади брачни парови, 1 евро, ослободување на комунали. Ние како влада ќе почнеме да го имплементираме поврат на даноци за мајките за прво, второ, трето, плус родено дете и така натаму.“, вели Христијан Мицкоски.

Ваквата политика Мицкоски и владата ја темелат на податокот дека за пет години има рецесија од пет илјади бебиња. Ако трендот на демографска криза во земјава продолжи, за 20 години државата би можела да има помалку од еден милион жители.