Пред да се отворат џамиите во земјава, се прави нивна дезинфекција. Една од нив е џамијата Иса Бег во Скопје. Аџи Џевахир Јахиу 30 години по ред се грижи за оваа џамија. Тој почна со чистење на џамијата. Секој кој ќе влегува во џамија ќе треба да ги дезинфицира рацете и да држи растојание додека ги врши верските обреди. Чичко Џевахир вели дека им недостига атмосферата за време на Рамазан во џамија.
„Малку без ќеиф, бидејќи се молевме дома поради тоа што се забранија џамиите со наредба од Владата и ИВЗ. Со божја волја, се наближија деновите, сега се ближат последните денови кога ќе се молиме во џамија. Како до сега што одржувавме ред, така и отсега.“, рече Јахиу.
Бројот на верници внатре во џамиите ќе биде редуциран, а ќе се користат терасите и дворовите во џамиите за молитва. Верниците ќе можат да земат абдест дома бидејќи чешмите и тоалетите ќе се затворат. Се препорачува секој граѓанин со себе да носи килимче.
„Ќе бараме од верниците и кога ќе одат во џамија да носат килимче, да ги дезинфицираат рацете и да не се поздравуваат. Периодот на престој во џамиите да биде што пократок, 5 до 10 минути и да излезат од џамија толку колку што им треба да ја завршат верската обврска. Но и носење маски итн..“, рече Исмаили.
Во меѓувреме Бујар Османи од Струга испрати порака дека Владата не може да забрани отворање на џамиите и дека таа одлука ја носи ИВЗ. Вицепремиерот молчеше додека оџата пееше езан.
„Не можеме да се противиме на одлуката што ја носи ИВЗ, тоа што можеме да направиме е да побараме од нив да се преземат сите мерки за заштита на луѓето.“, изјави Османи.
Најавено е дека дезинфекција на џамиите ќе се прави по секоја молитва. Ќе се делат летоци и упатства како да се однесуваат верниците во џамија.
