Сè уште без епилог случајот со сомнителните операции – Алиу: Процесот бара време, се очекуваат и странски експерти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако поминаа два месеци од појавата на случајот со сомнителните кардиохируршки операции, сè уште нема конкретен исход. Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека останале уште 7–8 претставки што се разгледуваат, а по официјалното завршувањето на изборниот процес во земјава, ќе пристигнат и тројца странски експерти за надзор на случајот.

„Оваа динамика на работа не зависи само од нас како Министерство, туку и од целиот тим експерти, кои не се малубројни и кои се оптоварени со секојдневни обврски и услуги кон пациентите“, порача Азир Алиу.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека има пријави уште од 2010 година, кои детално се анализираат од административен до професионален аспект.

„Процесот започна со една пријава, но потоа имаше и други за повеќе институции. Најголемиот дел од пријавите што пристигнаа во Фондот беа жалби од пациенти, при што постапката најпрво требаше да помине низ административна обработка, а потоа медицинска, па затоа процесот не оди толку брзо како што сите би сакале, бидејќи постојат многу фази на контрола“, вели Сашо Клековски.

Во веќе формираниот тим на домашни експерти кои работат на случајот има и лекари од приватни институции. На прашањето дали тоа може да влијае врз постапката, министерот Алиу одговори:

„Јас верувам дека тие се експерти, без разлика дали работат во таа институција или не. Доколку случајот е отворен и јасно е дека не е постапено според утврдените протоколи, и оној што работи таму ќе гласа ‘за’“, вели Азир Алиу.

Ова прашање беше покренато откако доктор Сашко Кедев изјави дека приватни болници изведувале кардиохируршки операции без потреба. Овие сомнежи, што беа пријавени и од самата Клиника за кардиологија, го поттикнаа Министерството за здравство да формира специјална комисија за анализа на податоците за кардиохируршките и кардиоваскуларните интервенции во периодот од јануари 2022 до август 2025 година, во приватните и јавните институции.