Сè уште има прашања кои треба да се дефинираат – графа со етничка припадност по желба или обврска?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сѐ уште не се знае дали етничката припадност во личните карти ќе биде по желба на граѓанинот или задолжителна. Премиерот Зоран Заев, вели дека сѐ уште не е разговарано за ова прашање, но очекува да се изнајде најдоброто решение за сите страни, како и за оние кои се со резерва.

Предлогот на Движењето Беса е етничката графа да важи за сите граѓани, но пратеникот на партијата, Кастриот Реџепи, вели дека се подготвени во Комисија да дискутираат за ова прашање. Тој не ја исклучува можноста доколку граѓанинот не сака, во личната карта да не му фигурира етничката припадност. Но, што ќе се случи со етничките припадности кои ќе можат да се запишат, опција ќе бидат само оние кои се во Преамбулата на Уставот или пак графата ќе биде отворена за секаква припадност?

-И за ова прашање треба да се дискутира. Ние немаме ништо против тоа да му се овозможи некому да ја запише неговата припадност, независно дали е во Устав или не. Ние при изготвувањето внимававме да биде во согласност со Уставот, со цел потоа законот кој би го усвоиле да не падне пред Уставен суд-вели Кастриот Реџепи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, без да открие за кого станува збор, рече дека дипломат во земјава имал забелешки околу идејата – етничката припадност да фигурира во личните карти. Истовремено го повика Заев, законот да го достави до Собрание со европско знаменце, доколку навистина сака етничката припадност да се вметне во овој документ.

Заев негира дека грчката страна реагирала околу вметнувањето на етничката припадност Македонец/Македонка, велејќи дека предлогот не се коси со Преспанскиот договор.

И коалиционите партнери СДСМ и Беса негираат дека имале недоразбирања околу вметнувањето на етничката графа.

Во моментов, Законот за лична карта е во Собрание, но наиде на блокада од страна на опозициската Левица, која поднесе 1200 амандмани со цел да ја блокира целата процедура. Од Беса не откриваат преку кој механизам ќе ја надминат оваа пречка. Сите останати парламентарни партии рекоа дека ќе ја поддржат идејата – во личните карти да се вметне и етничката припадност.