Општина Тетово информираше дека од денеска, по три недели пауза, зонското паркирање ќе се наплаќа.
„По неколку неделниот прекин на наплата на паркингот во Тетово, на 1 декември 2021 повторно ќе започне да функционира паркингот со наплата. Пролонгирањето од неколку недели се случи поради детекција на проблемите на претпријатието и по извршената инспекција од наша страна ние откривме многу нерегуларности кои веќе се решени“, велат од Општина Тетово.
Прашавме и во општината кои се нерегуларностите кои се откриени и зошто се убедени дека веќе ова претпријатие нема да работи со загуба. Ни одговорија дека стојат зад испратеното соопштение.
„Сите граѓани кои паркирале зонски во градот Тетово добија известување во кое се вели дека повторно има зонско паркирање. Во Тетово ќе започне со наплата, но што ветија од општина Тетово“, вели репортерот на ТВ21.
Потсетуваме дека градоначалникот Биљал Касами три дена пред првиот круг од локалните избори од студиото на ТВ21 вети бесплатен паркинг за сите граѓани се до решавање на проблемот со паркинзите во Тетово.
„Од вашето студио, им велам на сите граѓани на Тетово дека од моментот на доаѓање на Биљал Касами на чело на Тетово се додека не најдеме паркинг за секој автомобил, нема да се наплаќа паркингот во Тетово“, додава Биљал Касами.
Претпријатието градски паркинг Тетово има долг од 187 илјади евра, додека новите раководители го прекинаа зонското паркирање со образложение дека претпријатието работи со загуба. Касами дури рече дека доколку не најдат решение, постои можност претпријатието да отиде во стечај.
