Се затвораат 40 филијали на „Credi Yes“, Министерството за финансии им ја одзеде лиценцата поради прекршоци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Credi Yes“ е финансиското друштво за брзи кредити на кое Министерството за финансии му ја одзеде лиценцата за работа поради нерегуларности во функционирањето, јавува „Фактор“.

Финансиското друштво, зад кое стојат сопственици од Бугарија, ги затвора своите околу 40 филијали ширум земјата, додека исто така околу 120 вработени добиле известување дека дејноста е прекината. Единствената активност што „Credi Yes“ ќе има право да ја продолжи е наплатата на своите финансиски побарувања.

Министерството за финансии вчера соопшти дека ѝ е одземена дозволата за работа на една од најголемите финансиски компании на пазарот, откако при вонреден надзор извршен по поплака од граѓанин биле констатирани сериозни прекршувања на законските обврски, без конкретно да се соопшти за какви прекршоци станува збор.

„Надзорот утврди тешки прекршувања на законските одредби, постапување спротивно на правилата за заштита на потрошувачите и практики со кои граѓаните – корисници на финансиски услуги – биле доведени во директен ризик. Поради тежината на констатираните прекршувања и сериозноста на евидентираните нерегуларности, Министерството за финансии во месец мај донесе одлука за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, соопштија од министерството.

За потсетување, „Credi Yes“ започна со работа во Македонија во 2019 година. Минатата година, од околу 4 милиони евра приходи, оствари профит од околу 1,15 милиони евра.

Извор: „Фактор“