ВМРО-ДПМНЕ нема да има отворена чешма од која течат корупциски пари, изјави синоќа во Клик Плус првиот вицепремиер Артан Груби, кој последниве денови беше мета на опозициските обвинувања кои велат дека братот на Груби купил продавница во центарот на Скопје по цена многу пониска од реалната вредност. Вицепремиерот тврди дека од 2003 година ги делеле семејните имоти и дека нема заеднички имот со неговиот брат.
Артан Груби: Немам никаква заедничка точка, ниту на бизнисот, ниту на приходите, ниту на расходите, ниту семејно. Живеам сам со моето семејство од 2003 година и наваму и немам зошто да се оправдувам за никој друг…
-Ви кажувам за што ве обвинува ВМРО, какви се тие чешми, дали можете да објасните што се, бидејќи има населени места во Северна Македонија кои немаат вода за пиење…
А.Г.: Чешмите се извор на корупција и тоа почнавме да го направиме, сите да ги затвориме.
-А што е извор на корупција? Што нарекувате извор на корупција? Компании, тендери, управи?
А.Г.: Тоа се институционални одлуки кои ги донеле тие и создале монопол, направиле договори и државни обврски од 15-20 години при што тие продолжуваат да соработуваат со тие монополи кои ги создале.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи со обвинувањата против Груби, при што велат дека член на семејството на Груби се здобил со значителен имот кој освен што е купен по нереална цена, но и со средства кои ги надминуваат приходите на браќата Груби.
Опозицијата ги повика институциите да не потклекнат на притисоците на вицепремиерот Груби.
