Седми ден од војната во Украина. Една недела руската инвазија врз Украина. Агресијата не запира.
Овие снимки се од синоќешното бомбардирање на Харков, втор по големина град, по Киев.
Регионалниот гувернер, Олег Синегубов соопшти дека во последните 24 часа во овој град животот го загубиле најмалку 21 лице, а 112 се повредени. Локалните власти соопштија дека руските ракетни напади го погодиле центарот на градот кој е втор по големина во Украина, вклучувајќи ги и населените региони и зградата на регионалната администрација.
Овие објавени снимки од Министерството за внатрешни работи ги покажуваат последиците од бомбардирањата во градот Житомир во Украина. Украинскиот дипломат, Олександер Шерба напишал дека бомбардиран е населен дел со цивили. Според властите, најмалку две лица го загубиле животот а 3 се ранети. За многу други постојат сомнежи дека се под урнатините. Оштетени се 10 висококатници, од кои 3 се запалиле.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на седмиот ден од руската инвазија врз неговата земја, рече дека Кремљ нема да може да ја земе нивната земја со бомби и воздушни напади.
„Тие ништо не знаат за Киев, за нашата историја. Но сите имаат наредба да ја избришат нашата историја, нашата земја, да не избришат сите нас. Синоќа и вечерва тие продолжија со бомбардирање на нашите градови. Бомби, ракетна артилерија нишанеа на мирни луѓе, таргетирајќи повторно резиденцијални простори, Мариупол, Харков, Киев, Житомир и други места на Украина“, рече Зеленски.
Руското министерство за одбрана соопшти дека руските војници го зазеле градот Херсон во јужна Украина. Но украинското министерство за одбрана ги негираше информациите дека овој град паднал во рацете на Русите.
Портпаролот на Министерството за одбрана, генерал мајор Игор Конашенков соопшти денеска дека со прецизно оружје погодиле објекти на Украинската служба за безбедност и Центарот 72 за психолошко-информативни операции во Киев.
Украинскиот владин центар за стратешка комуникација и информации на Твитер информираше дека од почетокот на руската инвазија, Русија кон Украина испукала 113 ракети, вклучително и Искандер. “Гранатирањето на украинските градови и пукањето кон цивили треба да се осудат од сите членови на меѓународната заедница“, велат украинските власти.
