Премиерот Христијан Мицкоски ќе разговара со Министерот за економија, Бесар Дурмиши за тоа кои мерки ги предлага ресорот за стопирање на растот на цените на храната во земјава.
Неофицијално, она што е опција на маса е дека повторно ќе бидат во игра старите мерки, ограничување на маржите и наменски потрошувачки кошнички.

„Јас немам такви информации дека се при крај мерките за кошничката или како што рековте ограничување на маржите и слично. После овај настан имам состанок со министерот за економија и труд и ќе разговараме на тој состанок претпоставувам што е она кое што кое што треба да го преземеме во периодот што следи соодветно на анализите кои што ги направивме“, вели Христијан Мицкоски.
Но, она што се знае е дека до крајот на месецов ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Ако Комисијата утврдила кои се репрезентативни синдикати во земјава, премиерот не гледа причина зошто и покрај одморите да не се одржи седница. На маса треба да се најдат мерките за стопирање на растот на цените, минималната плата како и владината потрошувачка кошничка која требаше да биде јавно презентирана уште пролетва.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија веќе алармираа дека ЕСС треба да има што поскоро, бидејќи состојбата со цените е алармантна. Дополнителен проблем е што е краток периодот за носење мерки бидејќи пред нас се локални избори кои треба да се распишат во август, по што се запираат сите процеси.
Инаку инфлацијата во земјава не стивнува. Статистика измери дека во јуни годишната инфлација била 4,5 проценти. Растеле сите цени особено на храната. Па така во јуни во однос на јуни лани тие биле повисоки за 6,3%.
