Прегласувањето во селото Ларце, Желино предизвика промена на бројките на мандати во корист на ВРЕДИ а на штета на Европскиот фронт. Меѓутоа, за Крешник Бектеши од ЕФ ова прегласување не донело никаква суштинска промена. Во гостување во Дејли Клик рече дека по резултатите од 8 мај, имало изборен инженеринг во координација со ВМРО, СДСМ и ВРЕДИ.
-Не верувам дека нешто суштинско е сменето со оглед на тоа што имаше обид за изборен инженеринг со здружување на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата ВРЕДИ со надгласување на членот на ДУИ во ДИК. Тенденцијата беше да се одземат двајца пратеници и два мандата од Европскиот фронт, со единствена цел Европскиот фронт да не биде втора партија на државно ниво, вели Крешник Бектеши од Европски фронт.
Бектеши обвинува дека имало целосна координација меѓу СДСМ, ВРЕДИ и ВМРО-ДПМНЕ во зона пет да се одземе мандат од Европскиот фронт и истиот да и се даде на СДСМ.
-Имаше средба меѓу пратеникот на либералите и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, истовремено член на централното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на која имаше договор доколку мандатот отиде кај СДСМ, тој пратеник да биде префрлен во ВМРО-ДПМНЕ за, како што и е добро познато на јавноста, 62-те мандати на г. Христијан Мицкоски, со целосна поддршка на коалицијата ВРЕДИ, но тоа не се случи, вели Крешник Бектеши од Европски фронт.
Но, Блерим Сејдиу од коалицијата ВРЕДИ не се согласува со овие тврдења и вели дека ДИК и Управниот суд ги потврдиле неправилностите за кои се жалеле.
Чекајќи ВРЕДИ да ги заврши преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за заедничко владеење, Сејдиу не открива за кои министерства се договориле. Вели дека најважни ќе бидат програмските принципи и исполнувањето на предизборните ветувања.
Во врска со тоа кој со кој ресор ќе раководи, вели дека сите предлози треба да поминат во партиските органи и во текот на оваа недела тие ќе бидат објавени во јавноста.
– Сметам дека во текот на оваа недела откако ќе бидат одобрени и од партиските органи. Денеска имаме состанок на Централното собрание на партијата. Сите партии на коалицијата имаат состанок. Вистина е дека се шпекулираше за многу функции, можеби и така ќе биде, но повторно треба да бидеме коректни, треба да поминат во партиските органи. Реков дека вечерва имаме состанок, вели Блерим Сејдиу од ВРЕДИ.
Сејдиу потврди дека само што ќе се формира владата, ќе има временски простор за реализирање на уставните измени.
– Прво ќе се конституира парламентот. Ќе се верификуваат мандатите. Ќе се изгласа и претседателот на Собранието. И Владата ќе се формира. Потоа ќе имаме временска рамка, што вие не го направивте, немавте можност да го направите, не знаевте како да го направите. Ние ќе успееме да ги имплементираме уставните измени, вели Блерим Сејдиу од ВРЕДИ.
Уставните измени според Сејдиу се завршена работа, само останало да се дебатира за начинот на реализирање, а дел од овие измени најави дека можно е да биде и укинувањето на 20% кои се однесуваат на употребата на албанскиот јазик.
