Секој петти македонски граѓанин живее под прагот на сиромаштија – покажуваат дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, според кои стапката на сиромаштија во 2024 година изнесувала 21,9 проценти. Тоа значи дека повеќе од петтина од населението живее со приходи кои се под дефинираниот праг на сиромаштија. За едночлено домаќинство тој е 178.286 денари годишно. За четиричлено домаќинство со двајца возрасни и две деца под 14 години изнесува 374.400 денари годишно. Или овие семејства преживуваат со 31.200 денари месечно. Експертите проблемот го гледаат во тоа што како општество немаме и не развиваме реални социјални политики.
-Тоа значи дека механизмите кои што треба да профункционираат во една држава, во смисла да се создаде една состојба каде што оние кои што не по своја вина се сиромашни, реков не по своја вина се сиромашни, а тоа значи дека нив државата треба да им овозможи , да го овозможи тој ај да го наречам елементарен би рекол во материјална смисла опстанок, вели Илија Ацески, социлог.
Податоците на Статистика покажуваат дека најкритична е состојбата кај многучлените семејства и самохраните родители. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката на сиромаштија е 54,8 отсто, кај самохраните родители 45,8%. Сиромаштијата силно ги погодува и најмладите, кај децата до 17 години е 29,5%. Она што загрижува најмногу е дека без социјалните трансфери и пензиите, стапката на сиромаштија речиси би се удвоила, односно би изнесувала 39,4 проценти.
-Сивата економија на некој начин ги ублажува би рекол тие удари кои можат да следат, односно ја ублажува таа состојба на , и не создава некоја претпоставка за социјални немири, протести, не да се бараат тие луѓе. Инаку како ќе претпоставите ако тие луѓе навистина немаат елементарни претпоставки за живот а сепак на некој начин ниту се бунтуваат, нити протестираат, нити бараат нешто повеќе, вели Илија Ацески, социлог.
Статистиката покажува дека 7,9 % од вработените се сиромашни, а 45,7 од невработените. И ако сиромаштијата кај вработените во 2024 е малку намалена во однос на 2023 година, загрижува тоа што 12 проценти од пензионерите се сиромашни. Процентот пораснал во однос на 2023 година и покрај линеарното покачување од 2.500 денари кое го добија пензионерите.
Статистичките податоци за распределбата на богатството пак покажуваат дека Џини коефициентот, како мерило за нееднаквоста, изнесува 29,2 проценти. А, најбогатите 20% од граѓаните имаат 5,2 пати поголеми приходи од најсиромашните 20% од населението.
