Зијадин Села едногласно е реизбран за претседател на новоформираната Албанска лига, откако досегашната Алијанса за Албанците официјално го промени своето име на Петтиот партиски конгрес.
„Имам чест на гласање да го ставам предлогот господинот Зијадин Села да биде претседател на Албанската лига. Кој е за? Да видиме дали има некој против? Со 713 гласа „за“, колку што денес има делегати, едногласно господинот Зијадин Села е избран за претседател на Албанската лига“, беше соопштено на Конгресот.
Под мотото „Лигата е жива“, партијата го одржа својот петти конгрес, на кој беше потврдено новото име и политичката насока на субјектот.
Во своето обраќање по изборот, Села изјави дека секое искачување на говорницата носи одговорност кон членството, делегатите и идните генерации.
„Некој можеби мисли дека сум навикнал често да се качувам на оваа сцена, но не е така. Секогаш се искачува со емоции и со чувство на одговорност. Таа одговорност, порано како Алијанса за Албанците, а денес како Албанска лига, ја имаме пред генерациите што ќе ги наследат одлуките кои денес ги носиме“, рече Села.
Во продолжение на говорот тој испрати порака и во врска со шпекулациите дека неговата партија би можела да стане дел од Владата.
„Вратите на срамот никогаш не се затвораат. Тоа е врата на срамот. Низ таа врата Албанската лига и нејзините пратеници нема да влезат. Албанската лига и нејзиното наследство од Алијансата за Албанците знаат и да излезат од тие врати, како што покажале во минатото“, изјави Села.
Конгресот ја усвои политичката платформа на Албанската лига, како и повеќе резолуции предложени од партијата.
Претходно пред делегатите се обрати и пратеничката Илире Даути, која истакна дека политиката создава две категории луѓе: оние кои придобивките ги бараат за себе и оние кои, како што рече, „ги гребат и повредуваат своите раце за да ги отстранат трњето и пречките од патот за идните генерации“.
