Претседателот на Албанската лига, Зијадин Села, заедно со претседателот на Собранието на партијата, Елми Азири, во Приштина се сретна со вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти.
По средбата, Села соопшти дека се разговарало за политичките случувања во Косово, Македонија и регионот, како и за заедничките предизвици. Според Села, на средбата била изразена загриженост поради, како што ги нарече тој, тенденциите за обезвреднување на колективните права на Албанците во Македонија, при што го спомена Законот за правична и соодветна застапеност.
Се разговарало и за инфраструктурните проекти меѓу двете земји, како што се патот Скопје–Блаце и Тетово–Призрен, додека процесот на европската интеграција бил оценет како единствен и безалтернативен пат за регионот. Села, исто така, ја истакна важноста од формирањето на институциите во Косово и го поздрави политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата за продолжување на важните процеси за земјата.
