Селаковиќ од Прохор Пчински: Србија е за јакнење на политиката на добрососедство

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, кој ја предводеше српската делегација на одбележувањето на Илинден во манастирот Прохор Пчински, денеска изјави дека Србија е за јакнење на политиката на добрососедство, јави дописникот на МИА од Белград.

-За тоа сведочи политиката на Србија, која е решена да ја зајакне политиката на добрососедство, соработка и заеднички живот со соседите. Така, како што е и во рамки на иницијативата Отворен Балкан, која претседателот Вучиќ ја иницираше со премиерите на Македонија и Албанија, се обидуваме да покажеме колку духот на толеранција и пријателство е нешто што секогаш ќе го надмине духот на нетолеранција и непријателства, рече Селаковиќ за РТС.

Државнo-црковна делегација предводена од претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски и српска делегација предводена од министерот Никола Селаковиќ денеска во манастирот „Св. Прохор Пчински“, положија венци и оддадоа почит кон Илинден и местото каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Во параклисот на манастирот Прохор Пчински поставена е и спомен плоча за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, пред која се одржа и чествувањето на Илинден.