Оаа година требало да се формираат три паралелки, но досега се запишани само 18 ученици во прво одделение во училиштето „Дервиш Цара“ во селото Долно Палчиште, во Општина Боговиње. Иако официјалните податоци покажуваат дека во текот на 2020 година во ова село се родиле 65 деца, 45 од нив се во странство. Поголемиот дел од нив веќе го следат образовниот процес во Швајцарија, каде што се преселил и најголемиот дел од жителите на ова село. Директорката на училиштето, Зенихате Мемети, очекува овој број да достигне до 25, но досега се запишани само 18 ученици.
„На списокот од МВР што го добиваме, односно од државната полиција, имаме вкупно 63 ученици. Додека имаме информации, бидејќи заедно со психологот, со персоналот што го имаме, со професионалната соработка, имаме информации дека треба да се запишат 25 ученици. Во моментов се запишани 18 ученици во централното училиште.“, рече Зенихате Мемети.
Вулнет Акики од Месната заедница, , вели дека бројот на ученици секоја година сè повеќе се намалува. Според него, условите за живот ги принудиле жителите најпрво самите да заминат во странство, а потоа да ги земат и своите семејства.
„Во последните години бројот е многу мал. И продолжува, бројот се намалува уште повеќе поради условите… некои семејства живеат во странство, таму создале семејства поради подобри услови. Оваа година верувам дека се некаде околу 19 ученици. Минатата година биле 24. Значи, оваа година е помал број.“, порача Вулнет Акики.
Акики се сеќава дека во текот на 1990 година, кога самиот бил во прво одделение, тогаш имало три паралелки со по 33 ученици. Денес, пак, од неговата генерација во селото останале само пет лица, додека останатите се иселиле во странство.
„Јас сум генерација од 1984 година. Со школувањето го започнавме прво одделение во 1990 година. Завршувањето беше во 1998/99 година. Во тоа време бевме три паралелки во селото Палчиште, иако бевме заедно со селото Калник, но повеќето бевме од селото Палчиште. Од таа генерација сега моментално, од 33 ученици колку што бевме во паралелка – значи три паралелки – во селото Палчиште останавме само петмина.“, вели Вулнет Акики.
Во текот на последните 7 години, вкупниот број на ученици во Македонија е намален за околу 17.000. Што се однесува до првачињата, за учебната 2026/2027 година се запишани околу 14.500.
