Семејството на Теодора со отворено писмо – Судски совет го разгледа случајот, тетовските судии во одбрана на Ферати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Семејството на трагично загинатата Теодора Ристовска во отворено писмо до јавноста наведуваат дека очекуваат адекватна реакција од Судскиот совет во врска со, како што наведуваат скандалозна и срамна одлука на судијата од Тетово Ељведин Ферати. Тој во понеделникот донесе пресуда од 2 години затворска казна за обвинетиот Менсур Пајазити кој на пешачки премин во Тетово ја прегази 22-годишната Теодора.

„Имаме сомнеж дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како „Кој е следен“ немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски“, се вели во отвореното писмо.

По објавувањето на пресудата премиерот Мицкоски рече дека е силно разочаран од намалената казна и го повика Судскиот совет да се преиспита работењето на судијата Ферати.

Во Советот веднаш беше формирана работна група која веќе изврши увид во постапката, потврди претседателот на ова тело Александар Камбовски.

„Завршена е работата на работната група, доставена е информација до претседателот, меѓутоа се уште немав можност да ја прочитам таа информација и веднаш ќе биде објавена за цела јавност. И предметот ќе биде вратен назад во судот“, вели Александар Камбовски.

Со реакција се јавија и судиите и Подружницата на судии на Основниот суд во Тетово, кои застанаа во одбрана на судијата.

„Во ситуација кога по барање на обвинетиот Врховниот суд ги укинал пресудите и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување и поради оваа забрана новата пресуда не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото. Судиите на Основниот суд во Тетово постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми и поради тоа апелираме до сите чинители во општеството да се воздржат од неоправдани коментари и да не се користи оваа пресуда за неосновани напади на судиите“, велат од Подружница на судии на Основниот суд во Тетово.

Во понеделникот судијата Ферати го осуди на две години затвор возачот Менсур Пајазити затоа што во август 2022 година со возилото ја усмртил младата Теодора која ја преминувала улицата на пешачки премин.