Сезоната на боровинки предизвика незадоволство во тетовскиот планински регион – НП „Шар Планина“ воведува нови правила за берба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во тек е сезоната на боровинки – шумски плод кој во овој период има голема побарувачка и на домашниот и на странскиот пазар. За жителите на тетовскиот планински регион, бербата и продажбата на боровинки претставуваат важен извор на приходи секое лето.

Сепак, локалните жители се жалат дека се соочуваат со нелојална конкуренција, бидејќи на Шар Планина за берба доаѓаат и граѓани од Косово, Албанија и од други градови во земјата. Според нив, ограничувањата што важат за локалното население по прогласувањето на Шар Планина за национален парк не се применуваат подеднакво за сите.

Жителот на Шипковица, Бесим Абдија, вели дека еден килограм боровинки се продава за околу 500 денари, но нивната берба е напорна и бара многу труд. Тој смета дека мештаните се санкционираат ако исечат дрво за сопствени потреби, додека, според него, нема доволна контрола врз луѓето кои доаѓаат од други места да берат боровинки.

„Боровинки има многу, но доаѓаат луѓе од други држави да ги берат. Тоа не треба да се дозволува. Ние плаќаме за дозвола, а тие доаѓаат без контрола. Ако исечеме дрво за свои потреби, веднаш нè казнуваат, а за овие што доаѓаат од Косово и Албанија никој не реагира. Килограмот се продава за 500 денари, но бербата не е лесна“, вели Абдија.

Од Националниот парк „Шар Планина“ информираат дека годинава за првпат се воведува нов правилник за собирање шумски плодови. Според него, жителите на населените места што се наоѓаат во рамките на паркот ќе бидат ослободени од плаќање такса, додека лицата кои доаѓаат од надвор ќе треба да платат годишна дозвола.

Директорот на Националниот парк, Евзал Елмази, појасни дека локалното население ќе може бесплатно да собира шумски плодови, додека компаниите што организираат откуп ќе треба да доставуваат список на ангажирани собирачи и да добијат соодветни дозволи.

Тој додаде дека лицата со живеалиште надвор од подрачјето на паркот ќе плаќаат дозвола во износ од 500 денари, согласно важечкиот ценовник, додека за компаниите е предвиден надоместок од 50.000 денари, плус 5 денари за секој собран килограм.

Боровинката е високо ценет шумски плод кој широко се користи во прехранбената, фармацевтската, козметичката и индустријата за детергенти. Годинава четири компании веќе поднеле барање за склучување договор со Националниот парк „Шар Планина“ за организирано собирање на боровинки.