Сезонскиот грип ги испразни училниците – „Болните деца да не одат на училиште сѐ додека не оздрават целосно“, велат лекарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сезонскиот грип кој се појави меѓу децата ги испразни училниците низ училиштата. Ваква состојба е и во Куманово, каде бројот на учениците во училишните клупи е видно намален. На Одделението за педијатрија при Општата болница во Куманово на дневно ниво се вршат над 120 прегледи. Педијатарот Ферихане Бајрами ги повикува родителите децата заболени од грип да не одат на училиште сѐ додека не оздрават целосно, со цел, како што рече, да се зачува колективното здравје.

Директорката на Основното училиште „Браќа Миладиновци“ објасни дека причината за отсуството на учениците е сезонскиот вирус, но, како што рече регистрирани се и позитивни ковид случаи. Според неа, ковид-мерките се почитуваат од училишниот персонал и учениците од 5-то до 9-то одделение, но не и од помалите. Учениците и родителите реагираат во однос на носењето маска поради долгите часови. Ослободени од носење маска се само учениците со упат од лекар.

Инаку, на социјалните мрежи е основана група „Стоп за носење маски во училиштата“, од каде воедно за 24-ти декември најавуваат и протест за укинување на маските на училиште. Трајче Петковски, поддржувач на оваа иницијатива, за ТВ21 рече дека постојаното носење заштитна маска е исклучително штетно по здравјето на децата, додавајќи дека тоа треба да биде по слободен избор.