САД се подготвени повторно да започнат напади врз Иран доколку не биде постигнат договор, изјави во саботата американскиот секретар за војна Пит Хегсет, додека преговарачите од Вашингтон и Техеран се обидуваат да ги надминат големите разлики што го блокираат договорот.
„Нашата способност повторно да дејствуваме доколку е потребно… е повеќе од доволна“, изјави Хегсет во Сингапур, за време на Годишниот дијалог „Шангри-Ла 2026“ на Меѓународниот институт за стратешки студии.
„Нашите залихи се повеќе од соодветни за тоа, како таму така и низ целиот свет, така што се наоѓаме во многу добра позиција“, додаде тој.
Хегсет, говорејќи водечкиот азиски форум на министри за одбрана, воени претставници и дипломати, истакна дека САД не се откажале од азиско-пацифичкиот регион и покрај тоа што се ангажирани во конфликтот со Иран.
„Можеме да правиме две работи истовремено. Забрзано ја зајакнуваме нашата одбранбена индустриска база, така што наскоро ќе произведуваме два, три и четири пати повеќе муниција за да обезбедиме сите наши оперативни планови да бидат соодветно финансирани низ целиот свет“, рече тој, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп е „трпелив“ и сака да постигне „одличен договор“ кој ќе гарантира дека Иран нема да дојде до нуклеарно оружје.
Претходниот ден, Трамп изјави дека ќе се состане во обезбедена просторија во Белата куќа за да донесе „конечна одлука“ за предлогот за ставање крај на војната со Иран, кој би го продолжил примирјето од почетокот на април за уште 60 дена, давајќи им време на преговарачите да обезбедат трајно решение на конфликтот.
