Адвокатот Петре Шилегов, бранител на обвинетиот Шовкет Хазари, остро го оспори обвинителниот акт и директно ја критикуваше работата на обвинителството во последната деценија, наведувајќи дека институциите упорно избегнувале одговорност во период кога, според нивната сопствена теорија на каузалитет, имале обврска да реагираат.
„Ако ја прифатиме широката интерпретација на обвинителството, тогаш сериозно не пристапуваат многу лица во оваа судница. Кој одлучува каде почнува и каде завршува каузалитетот?“ праша Шилегов.
Тој посочи дека во обвинението се таргетираат само поранешни службеници, додека актуелни министри, директори и бројни вработени од Министерството за економија, кои учествувале во истите постапки во изминатите петнаесет години, воопшто не се опфатени.
Потоа упати најдиректна критика кон обвинителството:
„Обвинителе, ако тврдите дека постоел јавашлук, што правевте вие тринаесет години? Ако ја прифатиме вашата теорија, тогаш обвинителот требало да слуша, а не да го чита обвинителниот акт.“
Шилегов порача дека доколку обвинителството сметало дека Хазари сторил прекршок поврзан со службата, можело да го гони за дела како злоупотреба на службена положба или несовесно работење – „дела што би одговарале на реалната ситуација, а не на конструкцијата што се обидуваат да ја наметнат“.
„Немам зборови со кои можам да ја опишам оваа трагедија. Но правдата не се гради врз погрешни обвиненија,“ заклучи адвокатот, најавувајќи дека одбраната ќе ја разобличи, како што рече, нелогичната и правно неоснована теза што ја нуди обвинителството.
