Шолц: Доаѓањето на Мерц на власт ќе значи „почеток на крајот“ на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Германскиот канцелар Олаф Шолц (Социјалдемократската партија на Германија, СПД) и неговиот главен противкандидат на претстојните парламентарни избори, Фридрих Мерц од Унијата ЦДУ/ЦСУ, денеска имаа остра размена на мислења на последната седница на Бундестагот пред изборите.

„Фридрих Мерц доаѓа на власт за да го иницира почетокот на крајот на Европската унија. Со своите постапки, тој го уништува гордото наследство на неговите демохристијански претходници Конрад Аденауер, Хелмут Кол и Ангела Меркел“, рече Олаф Шолц, напаѓајќи го Мерц за неговиот обид да постигне законодавни мерки за ограничување на миграцијата.

Шолц го обвини Мерц, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и кандидат за канцелар на демохристијаните, дека го прекршил правото на ЕУ и ја „загрозува европската интеграција“ со туркање на неговите закони со кои ќе се затворат границите на Германија.

„Граѓаните на Германија сега знаат дека Мерц е подготвен да соработува со овие луѓе овде само за да ги победи своите демократски противници“, рече Шолц, укажувајќи на делот од Бундестагот каде што седат пратениците на АфД.  

Мерц го обвини Шолц дека непотребно ги заплашува граѓаните со неговите тврдења за соработка меѓу ЦДУ/ЦСУ и АфД. „Реков и повторувам: нема да има соработка со АфД“, рече Мерц.

Кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ, која има најголеми шанси за победа на изборите, по 23 февруари им понуди соработка на демократските партии за да ги „оневозможи екстремистите од десната и левата страна на политичкиот спектар“.

Мерц го обвини Шолц и неговата коалициска влада, во која беа социјалдемократите, зелените и либералите, дека и наштетиле на Германија на економски план.

„Оваа влада зад себе остава катастрофа на пазарот на труд…Господине Шолц, вие не разбирате што се случува околу вас“, рече Мерц.

Тој ја обвини и актуелната канцеларка дека не ја спроведува целосно најавената суштинска промена во безбедносната политика.