Ветувања за силни заложби Западен Балкан да биде дел од Европската унија особено за Македонија која ги исполни сите услови за почеток на преговорите. Ова е поддршката која ја добивме од германскиот канцелар Олаф Шолц при неговата денешна посета на земјава. Од пред 20 години на државите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега евреме по ова ветување да следат дела, истакна Шолц.
„Би сакал уште на почетокот многу јасно да кажам Германија е сериозна со ЕУ интеграцијата со државите од регионот и ова важи особено за Северна Македонија. ЕУ, особено кон Северна Македонија има дадено ветување која ги исполни сите предуслови за започнување на пристапните преговори. И сега треба да ги вложиме сите наши напори за тоа да се реализира. Пристапните преговори кои беа ветени пред две години сега треба да започнат, ќе се заложам за тоа“, рече Олаф Шолц.
И премиерот Ковачевски истакна дека чекува Европската унија да го исполни ветувањето, а дека поддршката што ја добиваме од Германија за тоа е огромна. Сепак додаде тој ние не можеме постојано залудно да се надеваме дека ќе ги почнеме преговори а Бугарија и натаму ги држи како заложници на евроинтеграцискиот пат и Македонија и Албанија.
„Ние не можеме да бидеме заложници постојано на самитите на Европската унија дали ќе има датум или нема да има датум. Подгревања на очекувања како што беше во минатото за тоа што ќе се случи на некој самит не зависи од Република Северна Македонија. Тоа во моментов зависи, пред се, како што гледаме, од само една земја членка на Европската унија која што држи две земји кандидати, Република Северна Македонија и Албанија како заложници на патот за интеграција на Европската унија“, вели Ковачевски.
По посетата на Скопје, германскиот канцелар Шолц замина за Софија, каде попладнето имаше средби со бугарскиот премиер Кирил Петков и претседателот Румен Радев.
