Што има во анкетниот лист на Нина Ангеловска? Со парите од Еуростандард банка си купила стан – „Живеев под кирија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали министерката за финансии Нина Ангеловска имала инсајдерски информации дека ќе биде затворена Еуростандард банка, па затоа ги повлекла парите? Одговор на ова прашање ќе треба да даде предметот кој го оформи Антикорупциската комисија, откако во јавноста се зборуваше дека Ангеловска ја знаела состојбата со банката, па затоа во јануари годинава повлекла 130.000 евра од вкупно 250.000 евра депозит во банката.

“Дали министерката претходно веќе си имала план за да си ги повлече средствата или едноставно доаѓа до поклопување на двата тајминзи, тоа останува да го утврдиме сега. Таа нема кривична одговорност бидејќи не украла туѓи пари, таа си ги повлекла своите пари, но дали информацијата послужила во моментот да си ги повлече своите пари за да се заштити, тоа е она што за нас како Антикорупциска интересно.“, изјави Билјана Ивановска, претседател на Антикорупциска комисија.

Ќе се проверуваат и сметки и трансакции на пријатели и роднини на министерката со цел да се утврди дали информацијата доколку ја знаела, ја пренела и на други лица.

„Вистината е дека пред стапување на функцијата – министер за финансии, овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија.“, соопшти Ангеловска.

Станот за кој зборува Ангеловска е евидентиран во нејзиниот анкетен лист. Според податоците кои ги доставила до ДКСК, станот е проценет на 6,1 милиони денари, е од 73 метри квадратни и е во Скопје, а е купен годинава.

На свое име пријавила и деловен простор од 5 и 11 метри квадратни, кои ги стекнала во 2013 година. Во 2019 година во инвестициски фонд инвестирала 8 милиони денари. Освен во Еуростандард банка, пари имала и во УНИ банка, кои според нејзиниот анкетен лист, исто така ги повлекла во 2019 година. На свое име и на име на брачен другар пријавила и удели, но нема податок каде, акции, за кои исто така нема податок каде.

Над сто илјади сметки по затворањето на банката останаа блокирани, а 20 милиони евра ненаплатени. Од петокот за Еуростандард банка е отворена и стечајна постапка, а за стечаен управник е назначен Душко Тодевски. Првото рочиште е закажано за 8 октомври годинава.