Што ќе донесат преговорите Заев и Гаши? – Ковачки и Деспотовски околу распределбата на ресорите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Што ќе донесат преговорите Заев – Гаши. На оваа тема вчера во магазинот Клик плус дебатираа  Јован Деспотовски од СДСМ и Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Според Ковачки треба да се покаже дали европската перспектива на Македонија, за која Алтернатива тврди е причината поради која седнале да преговараат со СДСМ ќе се одрази и врз ресорите.

„Да видиме кои ресори ќе ги добијат Алтернатива доколку влезат во Владата, кои ресори ќе ги добијат од Зоран Заев. Знам дека Зоран Заев е подготвен за да се спаси и тоа што успеал да го направи во изминатиов период е подготвен да даде се практично на сметка на Социјалдемократскиот сојуз, да видиме дали ќе ги добијат европските ресори, дали ќе добијат вицепремиер за евроинтеграции, дали ќе добијат министер за надворешни работи“, истакна Драган Ковачки.

За Деспотовски преговорите со Алтернатива е да се успее во обидот да се има функционални институции, првенствено парламентот. Но додава, дека два ресори не ја прават целата работа за влез во ЕУ.

„Процесот на пристапување во Европската унија не подразбира два ресора. Сите ресори работат хоризонтално на таа проблематика, до  некаде бидејќи бев ангажиран на тој процес долг низ на години можам да ви кажам дека делумно, со исклучок можеби на Министерството за одбрана иако и тоа на некој начин влегува во еден од поглавјата и буквално сите, и министерства и останати институции влегуваат во рамки на некој од 35-те поглавја за кое што ќе треба да се преговара“, вели Јован Деспотовски.

Темата за предвремените избори беа неизбежни и на оваа дебата. Заев ги изгуби изборите, тој е делегитимиран и не може да се продолжи по истата патека, вели Ковачки. Не бегаме од избори, но сега тоа не и е потребно на државата вели Деспотовски.

„Вие имате делегитимиран СДСМ, делегитимиран претседател и сега од еднаш велите, па добро ние продолжуваме. Не одат така работите . Единственото решение во моментов се брзи предвремени парламентарни избори кои што ќе мора да се случат во рамките на Уставот и законите како што тоа го налагаат“, вели Драган Ковачки.

„Дали се потребни предвремени парламентарни избори јас можам да кажам две работи – првата е СДСМ е сериозна и голема политичка партија така што од предизвик и соочување со нашите политички опоненти не сме бегале никогаш ниту ќе избегаме. Ниту во март ниту во јануари ниту утре. Е сега дали е тоа потребно на државата тоа е друго прашање“, врати Јован Деспотовски.

Од одлуката на Алтернатива која треба да ја соопштат утре ќе се знае дали тие ќе влезат во Владата откако Заев и Гаши веќе имаа остварено две средби.