Иако вчера јасно стигна порака од Бугарија дека нема да го прифати португалскиот предлог, сепак шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва си замина од Софија и Скопје со тоа што и остави на Бугарија простор да го прифати документот до 22 јуни односно токму до денот на одржувањето на Советот за општи работи на Европската унија кога ќе се носи одлуката за Македонија и Албанија.
Очекувано е на овој датум Бугарија да го повтори својот став за неприфаќањето на документот но и да го повтори ветото за стартот на преговорите на Македонија со Европската унија. По една недела Португалија ќе ја предаде палката на претседателството со Европската унија на Словенија за следните 6 месеци.
Но што содржи документот на Силва, кој соседна Бугарија едноставно го отфрли. Делови од документот објавија бугарските медиуми, а една од главните забелешки е македонскиот јазик. Во него е наведено дека Македонија треба да се согласи дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. Во овој дел за Бугарија е неприфатливо тоа што не се споменува неговото потекло, кое според нив е бугарско. Понатаму е наведено дека Македонија треба да изготват план за спроведување на Договорот за добрососедство.
„Македонските власти да подготват Акциски план или патоказ преку кој низ Процесот на стабилизација и асоцијација ќе се следи спроведувањето на Договорот за добрососедство“.
За Бугарија ова е неприфатливо бидејќи во рамките на процесот нема да можат да реагираат доколку Македонија не ги исполнувала своите обврски. Во предлогот на португалското претседателство е предвидено да има еднострани декларации на Македонија и Бугарија, но за бугарската страна тоа е спорно бидејќи двете држави имаат билатерален Договор за добрососедство кој е депониран во Обединетите нации. Декларации биле предвидени и за името.
„Двете држави, да издадат еднострани декларации за долгото име Република Северна Македонија и краткото – Северна Македонија“.
За ова од Бугарија се оценува дека предлогот да се потврди значењето на член 11 од Договорот преку еднострани декларации не ја обврзува Македонија да ја прекине својата политика за, како што наведуваат, воспоставување во Бугарија на таканаречено македонско малцинство. Во предлогот се наведени и црвените линии кои Македонија ги постави во однос на преговорите со Бугарија, а ова од бугарска страна се толкува како неприфатливо, бидејќи, земја кандидат не била во состојба да поставува граници до каде да одат преговорите со земја членка на Европската унија. Предлогот кој во последно време се погласно се најавува од Европската унија, во преговорите на Мешовитата историска комисија да се вклучат странски експерти за да помогнат во работата на комисијата е наведено и во овој документ на Силва. Но и ова за Бугарија е неприфатливо.
