Што стана со патот Тетово – Призрен? Азизи и Касами најавуваат конкретни чекори на терен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот што треба да ги поврзува Тетово и Призрен се очекува да влезе во конкретна фаза на реализација. Пратеникот од коалицијата ВЛЕН, Аднан Азизи изјави дека процедурите за изградба ќе започнат наскоро, а најави и распишување тендер за проектирање на тунелот.

„Општина Тетово има издвоено конкретни средства во Советот, 18 милиони денари за делницата Шипковица– Бозовце и се работи на сегментот кој ќе води пред тунелот. Она што го кажа и градоначалникот, и ние – вие сте сведоци дека тоа го претвораме во реалност. Многу брзо ќе се распише тендер за проектирање на тунелот и ќе започнат чекорите за негова реализација.“, изјави Азизи.

Од друга страна, градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, сподели детали за трасата на проектот. Според него, новиот пат ќе започне од правецот Тетово–Попова Шапка кај свиокот над Шипковица, и ќе продолжи до мостот на излезот од селото, во правец на патот кон Бродец. Останатиот дел од трасата кон Призрен ќе се базира на проширување на постојниот пат.

„Ќе биде од патот Тетово–Попова Шапка, свиокот над Шипковица до излезот од Шипковица, поконкретно до реката што е на излезот од селото. Мостот што е таму – од таа страна ќе излезе трасата, а остатокот од патот Тетово–Призрен ќе биде постојниот пат, кој само ќе се прошири. Работите веќе започнаа на терен, направена е идентификација на трасата и ќе продолжат активностите за нејзино пробивање.“, рече Касами.

Во декември 2025 година, заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи, соопшти дека за овој проект се издвоени околу 2 милиони евра. Таа го оцени патот Тетово-Призрен како проект од посебно значење за економскиот развој и туризмот во регионот.