Што стана со предвремените избори? – ВМРО-ДПМНЕ вели секогаш е подготвена, на СДСМ не им стигнало такво барање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори да одиме да се провериме еве заедно со локалните да направиме и едни парламентарни па да одиме. Ако сакате еве, јас немам проблем сега да ја договориме работава“, вели Христијан Мицкоски.

Ова пред точно 5 месеци на првата седница за пратенички прашања го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на предизвикот на претседателот на СДСМ Венко Филипче кој му побара оставка.

Минатата недела Мицкоски рече дека не сите опозициски политички партии бараат предвремени избори и повтори дека доколку се согласат за предвремени избори тие се подготвени.

„Апсолутно ВМРО-ДПМНЕ нема никаква дилема да бега од соочување со граѓаните и нивното мислење кое што го дава на избори. Секогаш сме подготвени да го слушнеме гласот на народот на избори“, вели Бране Петрушевски.

Иако е логично од опозицијата да бараат предвремени избори, од СДСМ велат досега немаат такво барање. 

„Такво официјално барање до СДСМ не е доставено. Доколку е доставено ние сме спремни за истото да разговараме и потоа да излеземе со официјален став“, вели Методија Илиевски.

Од коалицијата ВРЕДИ сметаат дека не се потребни предвремени избори. По шпекулациите за можни преструктуирања пред можни предвремени избори на министерот за здравство Арбен Таравари, тој ова го отфрли. Од ДУИ пак изминативе месеци постојано бара предвремени парламентарни избори и дека оваа власт е нелегитимна бидејќи во неа е коалиција со помала доверба од граѓаните.