Првата судијка на Северна Македонија во Европскиот суд за човекови права и претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николоска, во гостувањето во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 објасни што точно значи моментот кога Судот во Стразбур поставува прашања во предметот „Тенк“.
Николоска посочи дека прашањата кои Судот ги упатува до државата не значат пресуда, туку почеток на сериозен стадиум во комуникацијата меѓу апликантот и државата.
„Тие предмети каде што постапува еден судија… ако ја земете самата одлука со поставените прашања, ќе видите дека Европскиот суд за човекови права поставува одредени прашања на кои државата, како друга странка, треба да даде одговор“, рече Николоска.
Таа нагласи дека стандардот на фер судење секогаш се разгледува од двете страни — апликантот кој тврди повреда и државата која треба да одговори на конкретните дилеми на Судот.
„Има една странка што едно зборува, има друга странка — тоа е државата — која треба да даде одговор. Судот по апликацијата ги гледа тие две позиции“, објасни таа.
Во сериозни предмети, како што е „Тенк“, прашањата од Стразбур се пракса. Тие налагаат формален одговор од Владата на Република Северна Македонија.
„Вообичаено се поставуваат прашања, особено кога станува збор за сериозен предмет. На тие прашања одговара владата. Кога ќе се добие одговор од владата, тогаш се споредуваат писмените искази на двете страни и може да се зборува за утврдување фактичка состојба“, додаде Николоска.
Како можен исход, таа посочи три сценарија:
– утврдување на повреда на човекови права,
– утврдување дека повреда нема,
– или дека нема потреба од испитување на дел од апликацијата.
На прашањето што конкретно може да се очекува во случајот „Тенк“, Николоска остана внимателна:
„Како судија, не можам да одговорам на ова прашање додека не ја слушнам и другата страна. Треба многу да се внимава што предвидува националното право, што предвидуваат стандардите на фер постапување и како тие стандарди се имплементирани во конкретниот случај.“
Со тоа, Николоска испрати порака дека процесот во Страсбур не е политички театар, туку правна процедура — каде одговорноста на државата не се базира на јавни перцепции, туку на стандарди и докази.
