Швајцарија ја елиминираше Србија – познати сите осминафинални двојки на Мундијалот во Катар (ФОТО)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бразил и Швајцарија се последните две селекции кои се пласираа во 1/8 финалето на Мундијалот во Катар. Србија и Камерун си заминуваат дома, откако беа елиминирани денеска. Камерун приреди сензација и го совлада Бразил, но недоволно за нешто повеќе, додек во директната пресметка, Швајцарија ја совлада Србија во интересен меч со два пресврти.

Швајцарците поведоа со голот на Шаќири, додека Митровиќ и Влаховиќ за само девет минути донесоа пресврт и предност за Србите. Емболо на минута пред истекот на полувремето израмни.

Само што стартуваше вториот дел, Фролјер го донесе швајцарскиот национален тим во предност, и резултатот беше актуелен до крајот на средбата. На крајот и провокации од двете страни и многу нервоза, но избегнат е посериозен инцидент.

Бразил како првопласиран оди во 1/8 финалето иако загуби од Камерун. Абубакар сервираше големо изненадување во судиското надополнување на крајот, но „кариоките“ не беа загрозени.

Претходно во овој последен ден од групната фаза пласман во следната фаза обезбедија и Португалија и Јужна Кореја.

Со тоа се познати сите осминафиналисти, а натпреварите стартуваат веќе утре.

Во сабота во 16 часот играат Холандија против САД, додека во 20 часот Аргентина против Австралија. Во недела во 16 часот Франција против Полска, а во 20 часот Англија против Сенегал.

Останатите 1/8 финални двојки се Јапонија – Хрватска, Бразил – Јужна Кореја, Мароко – Шпанија и Португалија – Швајцарија.