Шведска го изнајмува капацитетот на затворите во Естонија поради пренатрупаност во сопствените затвори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шведска се подготвува да го изнајми затворскиот капацитет во Естонија за да помогне во решавањето на проблемот со пренатрупаноста во своите затвори, објави „Гардијан“.

Според договорот со Естонија, кој беше потпишан во јуни, Шведска ќе добие до 600 места во затвор во балтичката земја.

Министерството за правда соопшти дека шведската затворска служба, Криминалварден, веќе добила наредба да ги подготви потребните чекори за спроведување на програмата.

Се очекува договорот да стапи во сила до летото 2026 година.

Овој потег доаѓа во време кога бројот на затвореници во Шведска постојано се зголемува.

Најновиот извештај на Криминалварден предупредува дека бројот на затвореници би можел да се зголеми од 7.800 на дури 41.000 до 2034 година ако продолжи сегашната политика на изрекување казни, која се фокусира на построги казни, а не на рехабилитација.

Според раководителот на шведската затворска служба, Јоаким Ригамар, шведските затвори се во „кризна ситуација“ поради пренатрупаност.

Особено загрижувачки е бројот на деца кои се соочуваат со долги затворски казни. Овој тренд е резултат на промена во пристапот, што доведе до тоа деца на возраст од 15 години да бидат осудени на 10 или повеќе години затвор за сериозни кривични дела.

Според договорот со Естонија, Шведска ќе добие капацитет за сместување до 600 затвореници во естонските затвори, но експертите веруваат дека ова решение нема да биде доволно во однос на потребите, со оглед на предвиденото зголемување на бројот на затвореници во наредните години.

Министерот за правда Гунар Штромер нагласи дека договорот со Естонија е важен чекор во ублажувањето на моменталната состојба во шведските затвори, но додаде дека ќе биде потребна „внимателна подготовка“ за сè да функционира правилно.