Шведска не ги признава македонските возачки – им смета на нашите печалбари во нивното секојдневие

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шведска не ги признава возачките дозволи на Северна Македонија. Печалбарите се жалат дека тоа им смета во нивното секојдневие, а право да возат со возачка дозвола од РСМ имаат само првата година од нивниот престој таму.

„За нас е пречка бидејќи ни требаат. Зависи каде одиме, а не можеме да одиме со автомобил затоа треба да се качиме на автобус или воз, а со тоа се губи повеќе време. Ако со автомобил стигнуваш за 5-10 минути, со воз или автобус губиш еден час“, вели Фари Незири.

Велат дека освен тешкотиите со јазикот, добивањето на возачка дозвола исто времено чини многу. Признавањето на возачките дозволи од РСМ би претставувало олеснување.

„Неколку мина го изгубија и работното место поради возачките. Доколку постои можност да интервенира нашата држава, ќе беше добро. Многу е тешко бидејќи повеќето работат во компании за чистење, каде треба да се оди од едно во друго место, а не можеме да одиме со автобус, мора да имаме возачка дозвола“, додава Нусрет Купа.

Од МВР велат дека работат на оваа проблематика.

„МВР има испратено барање до Кралството Шведска за можноста и процедурите за признавање на возачките дозволи врз основа на Виенската конвенција за патен сообраќај (1968). МВР презема активности за договори со колку е можно повеќе земји за признавање на возачките дозволи“, велат од МВР.

Ист проблем имаа и нашите граѓани кои живеат во Германија, но тоа беше решено со договор за реципрочно признавање на возачките дозволи.