Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски истакна дека напад со балистичка ракета врз цивили во центар на град на празникот Цветници, не може да се нарече поинаку освен воено злосторство.
Тој истакна и сочувство до блиските на 34-та загинати во рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми и посакувајќи им брзо закрепнување на стотината повредени.
„Како што знаете сличен напад се случи и во Криви Риг непосредно пред тоа. Сега има толкувања дека овие настани се некаква грешка при нишанење. Ако напаѓате цивилни делови на градови, сигурно дека ќе убиете цивили. Кој е градот што требаше да биде погоден. Зарем треба да веруваме дека руските ракети се толку непрецизни, што не можат да го погодат вистинскиот град“, рече вечерва Сикорски.
Според Сикорски, нападот врз Суми претставува циничен одговор на рускиот претседател Владимир Путин на „добрата волја на САД и на подготвеноста на Украина да се согласи на безусловен прекин на огнот“.
„Од ова треба да извлечеме заклучоци. Имено, Русија се уште не се откажала од своите амбиции. Таа се уште сака да го ускрати правото на Украина да постои како независна нација и се уште сака да ја освои“, рече шефот на полската дипломатија.
Сикорски оцени дека кога говори за мир, Путин сака жртвата на неговата агресија Украина да капитулира.
„Тоа нема да се случи. И за да го убедиме дека нема да се случи, треба да го зголемиме притисокот“, истакна Сикорски.
