Сиљановска-Давкова по Советот за безбедност: Состојбата е стабилна, нема закана за државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по итната седница на Совет за безбедност изјави дека безбедносната состојба во државата е стабилна и дека во моментов нема закана ниту од внатрешна нестабилност, ниту од прелевање на кризата од Блискиот Исток во регионот.

Седницата, како што посочи, била закажана итно поради глобалните случувања, а на неа присуствувале сите членови на Советот. Преку видео-врска се вклучил и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, од кого биле добиени информации за зголемениот број македонски државјани што се наоѓаат во погодените региони.

Сиљановска-Давкова информираше дека во рамки на Министерството за надворешни работи е формиран кризен центар кој е во постојан контакт со граѓаните. Тие се повикани да се јават во дипломатско-конзуларните претставништва и да се регистрираат, со цел државата да има прецизна евиденција доколку се појави потреба од евакуација. Таа појасни дека поради затворениот воздушен простор во одредени земји, како и отежнатиот бродски сообраќај, враќањето е усложнето, но институциите работат на изнаоѓање најбрзи и најбезбедни решенија.

Во однос на внатрешната безбедност, претседателката истакна дека врз основа на податоците од Агенција за разузнавање, Агенција за национална безбедност, како и од ресорните министерства за одбрана и внатрешни работи и од Генералштабот, проценката е дека состојбата е стабилна и безбедна.

„Имаме воспоставен систем за рано предупредување. Надлежните институции континуирано ја следат состојбата, вршат проценка на ризици, се координираат и разменуваат информации. Оценката за стабилност е заснована на релевантни и документирани податоци“, нагласи таа.

Сиљановска-Давкова додаде дека земјата е во постојана комуникација со партнерите од регионот, а информациите се споделуваат на редовна основа. Таа посочи дека во вакви околности се анализира и евентуалното влијание врз економијата и енергетската стабилност.

Според добиените информации, интерконекторот со Грција е во функција, а законската обврска за задолжителни резерви на нафта од 40 до 90 дена е исполнета, што дополнително ја гарантира енергетската сигурност.

Претседателката информираше и дека се следат потенцијалните безбедносни ризици поврзани со објекти од посебно значење, вклучително и верски и културни институции, како и објекти поврзани со еврејската заедница и Музејот на Холокаустот, при што надлежните увериле дека тие се под засилена заштита.

„Во моментов нема причина за загриженост. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и соодветно да реагираме“, порача Сиљановска-Давкова.