Сиљановска-Давкова со честитка за Курбан бајрам: Различностите да бидат мост, а не препрека

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам до поглаварот на Исламска верска заедница, реис-ул-улема Шаќир еф. Фетаи до сите верници од исламска вероисповед.

Во честитката, претседателката посака празничните денови да бидат исполнети со мир, радост и семејна благосостојба, упатувајќи искрени желби до членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и верниците.

Сиљановска-Давкова истакна дека во време на неизвесност, недоверба и отуѓеност, големите верски празници имаат силна духовна и општествена вредност. Според неа, Курбан бајрам преку симболиката на дарување и пожртвуваност потсетува на важноста на човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другите.

„Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека“, се наведува во честитката.

Претседателката порача дека токму способноста да се зачуваат љубовта и грижата за ближниот, дури и во време на предизвици и разлики, е мерило за зрелоста и интегрираноста на едно општество.

На крајот од честитката, Сиљановска-Давкова им го честиташе Курбан бајрам на сите верници од исламска вероисповед.