Силјановска му го даде мандатот на Мицкоски: „Многу брзо ќе биде формирана реформската Влада“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Силјановска Давкова на денешниот последен ден од рокот му го додели мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Со ова мандатарот Мицкоски има рок од 20 дена за формирање на новата Влада, која со оглед дека преговорите со коалициските партнери ВРЕДИ и ЗНАМ се при крај, се очекува многу брзо да се поднесе предлогот на новиот владин кабинет до Собранието. Неофицијално се тврди дека изборот на новата Влада ќе биде на 17 јуни. Претседателот на Собранието беше избран со 76 гласа што ми дава право да го доделам мандатот на партијата што има најголем број гласови од новоформираното мнозинство, кој е вистински правен и политички чекор рече претседателката Силјановска.

-Овој резултат и преговорите што се во тек ми даваат за право, основано, да сметам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски има сериозна можност да формира Влада односно да освои 61 глас зад својата програма и за составот на Владата што се разбира ќе го предложи во следните 20 дена, вели претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Мандатарот Мицкоски изрази благодарност и најави дека новата Влада ќе биде реформска, која акцент ќе стави на економијата, порастот на стандардот и владеење на правото.

-Сакам да најавам дека набргу од денеска ќе биде составена новата Влада, реформска Влада, која што ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме подеднакви, да ги придвижиме работите во економијата, вели Христијан Мицкоски, мандатар на новата Влада.

Мицкоски по доделувањето на мандатот рече дека новата Влада ќе биде избрана пред крајниот рок, дека го имаат потребното мнозинство, но најпрво чекаат да помине Законот за реорганизација на министерствата, кој утре треба да се најде пред пратениците за усвојување на потребата од негово донесување, а во текот на наредните денови и да биде изгласан.