Силна поддршка од Унгарија – Сијарто: Да требаше ние да одлучиме, Македонија одамна ќе беше во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако зависеше од Унгарија, Македонија многу брзо ќе станеше членка на Европската унија, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто. Тој рече дека местото на  Македонија е во Европската унија која не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан. Запрашан за ставот на Унгарија за идејата на еврокомесарот Вархеи за одвојување на Македонија и Албанија од преговарачкиот пакет тој рече дека унгарскиот став е дека Македонија

„Не би сакал да го споредувам унгарскиот став со било чиј друг став. Ставот на унгарската влада е дека со Република Северна Македонија веднаш, значи денес, најдоцна утре, мора да се започнат преговорите за зачленувањето“, истакна Петер Сијарто.

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи со оптимистички очекувања за старт на преговорите во јуни со тоа што како што симболично се изрази, најпрво ќе се урнат ѕидовите меѓу Македонија и Бугарија. Тој ова го изјави и покрај тоа што од бугарска страна стигна порака дека ниту техничката влада не отстапува од ветото за Македонија. На што го темели оптимизмот Османи?

„Гледам можност во јуни, гледам можност во техничката влада гледам можност во обидот на португалското претседателство со Европската унија. Затоа сакам да дадам шанса на процесот. Мислам дека ќе биде погрешно доколку сега се откажеме од таа можност.  Разбирам дека е тешко, разбирам дека не може да се предвиди меѓутоа нема пречка што може да го ослаби ентузијазмот наш“, вели Бујар Османи.

А, најави за дополнителни напори за почнување на преговорите беа испратени токму од Португалија. Државниот секретар за европски прашања на оваа земја Ана Паула Закариаш по  вчерашниот совет за општи работи на Европската унија рече дека ќе бидат вложени силни напори Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство.

„Ангажирани сме со сите релевантни власти преку разговори да видиме како можеме како претседателство да ги поддржиме преговорите, како може португалското претседателство да го поддржи за да се одржи првата Меѓувладина конференција за двете земји за време на нашето претседавање“, додаде Ана Паула Закариаш.

Инаку, Бугарија на вчерашниот состанок на Советот за општи работи со став дека земја кандидат, мислејќи на Македонија, наметнува услови и затоа Европската унија требала да и објасни дека треба да ги почитува темелните принципи и дека идентитетскиот спор не бил билатерален спор, туку проблем на Европската унија.