Силно невреме ги погоди селата во Липково, оштетени автомобили, посеви, нивите побелеа како во зима

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Жителите на општина Липково долго ќе го паметат 21 мај бидејќи овој регион беше погоден од силно невреме проследено со град со големина на орев.
Планинските делови побелеа и изгледаа како да врнеше снег.

Жителите претрпеа најголем страв кога во вечерните часови постоеше опасност реката да се излее од коритото во село Слупчане.

Поради поројниот дожд, патниот правец Ваксинце – Слупчане, беше непрооден.
Жителите на Липково исто така имаа големи штети од градот, оштетени се автомобили и покриви на куќи. А градот оштети и соларни панели.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните на Куманово да не ја консумираат водата од кумановскиот водовод. Поради обилните врнежи од дожд и град, зголемено е нивото на реката во Липково, што влијае на доводниот систем на станица за филтрирање на водоводот во Куманово.

„Според информација од одговорното лице на филтер станицата се работи за количина на над 10.000 m3 заматена вода што влијае на процесот на прочистување и испорака на истата до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните, што најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден“, велат од ЦУК.

Автомобили и покриви беа оштетени од поројниот дожд и во селото Блаце. И таму се искршени многу стакла на автомобили.

Нестабилно време е најавено и за денешниот ден. Пороен дожд и грмежи се најавуваат во Скопје, но и во источниот дел од земјава.