Синдикатот за култура со кривична за министерот Љутков, тој вели: Барањата за зголемување на платите се незаконски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Синдикатот за култура поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, за злоупотреба на службената положба и кршење на правата на вработените. Според претседателката на синдикатот, Вера Атанасовска министерот со инструкции испратени по е-пошта се обидел да ги поткопа правата на вработените и колективните договори. Синдикатот наведува дека повеќе од 800 пријави се поднесени од вработените во културата и дека постојат правосилни судски одлуки во нивна корист. Дополнително, најавени се кривични пријави против директори на културни институции.

„Министерот кој до вчера беше дел од синдикалната борба за правата на работниците, денес е симбол на нивното кршење. Со инструкции испратени по е-пошта и со упатство што сам го потпиша, тој се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги поништи колективните договори. Еден упат или е-пошта не е закон, а министерот не е над законот“, изајви Атанасовска.

Министерот Љутков ги оцени обвинувањата како неосновани, истакнувајќи дека во сила е Општиот колективен договор за јавниот сектор, а вработените во секторот култура имаат и секторски колективен договор кој го регулира пресметувањето на платите. Тој додава дека синдикатот бара пресметка на платите на нелегален начин.

„Општиот колективен договор предвидуваше зголемување од 10% на платите во јавниот сектор од септември 2023 година. За хармонизација, Министерството за култура понуди анекс на колективниот договор, кој синдикатот го одби. Денес се слушна на прес-конференција дека тоа не било понудено, а јас го имам документот со себе. Сега синдикатот поднесува пријава за пресметка на платите на начин што ги става вработените во културниот сектор да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата отколку што е законски објавената минимална плата“, рече Љутков.

Според министерот, во 2025 година минималната бруто плата во јавниот сектор изнесувала 36.037 денари, додека барањето на синдикатот за култура било пресметка на основната бруто плата во износ од 39.641 денари, што ги става во поволна положба во споредба со останатите во јавниот сектор и е спротивно на законски објавената минимална плата.