Најголемиот предизвик во борбата против семејното насилство е повлекувањето на изјавите од жртвите, изјави министерот за внатрешни работи Панчe Тошковски, додавајќи дека институциите треба да најдат начин за поефикасна координација во рамките на постоечките прописи.
„Треба да најдеме решение така што системот 24/7 ќе одговара не само од перспектива на Министерството за внатрешни работи, туку и преку центрите за социјална работа, Јавниот обвинител и судот. Што се однесува до невладините организации, жртвите треба да добијат поддршка. Секој граѓанин кој ќе забележи ситуација со потенцијал за семејно насилство, треба прво да ја информира македонската полиција, за да можеме да реагираме онака како што треба.“, изјави Тошковски.
Последните измени во Кривичниот законик, усвоени во јануари 2026 година, му овозможуваат на обвинителот да преземе кривично гонење по службена должност, во ситуации кога жртвата го повлекува кривичниот предмет поради страв или зависност, соопшти в.д. главниот јавен обвинител Анита Тополова Исajловска. Таа нагласи дека овие измени не се доволни без вистинска координација помеѓу институциите.
„Од почетокот на 2024 година до денес се евидентирани 1715 постапки за телесни повреди извршени преку семејно насилство. Од овие постапки, 798 се запрени поради повлекување на пријавата од страна на жртвата.“, вели Анита Тополова Исајловска.
Заменик-министерот за правда Ален Деребан истакна дека последните измени во Кривичниот законик од оваа година предвидуваат дополнително зајакнување на кривично-правната заштита на жртвите, така што делото лесна телесна повреда повеќе нема да се гони по предлог, туку по службена должност.
„Паралелно, државата воспостави механизам и систем за директна поддршка на жртвите. Со законот за исплата на финансиска компензација за жртвите на кривични дела со насилство, жртвите добиваат и конкретна финансиска помош и поддршка.“, рече Деребан.
Граѓанскиот суд работи од 07:30 до 15:30, рече претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Абдија, нагласувајќи дека доколку е потребно може да се организира и работа 24/7.
„Во 2026 година имаме 35 предлози, од кои 10 завршија… само малку… 10 барања се поднесени од центрите за социјална работа, а 15 барања се поднесени од физички лица.“, кажа Абдија.
Оваа конференција на тема „Предизвици во обезбедувањето поддршка и заштита за жртвите на насилство врз жените и семејното насилство“ се одржа неколку дена по трагедијата во Капрош, каде мајка и нејзината ќерка паднаа од балконот на зградата во која живееле, при што беше пријавено дека мајката била жртва на насилство од сопругот, кој сега се наоѓа во притвор.
