Медицинскиот кадар преморен од пандемијата со Ковид 19 бара чаре во приватните болници. Во клиничката болница Аџибадем Систина дојдени се 12 доктори од кои тројца се од јавното здравство, а останатите се од други приватни клиники. Од друга страна, во последните 10 месеци од Систина си заминале 12 доктори од кои 4 во јавното здравство, 7 во пензија.
„Евидентна е тенденцијата на заминување на здравствени работници од јавното здравство не само за време на пандемијата туку и претходно, изминативе десет години, како во приватните болници во земјата така и во странство. Со внимание го следиме овој тренд и сметаме дека е загрижувачки бидејќи заминувањето на стручен медицински кадар од земјата е поразително за сите нас“, велат од Аџибадем Систина.
Пред два дена докторка инфектолог на Инфективната клиника во Скопје дала отказ од работа и замина да работи во приватна болница. Клиниката ја напуштија и три медицински сестри. За ова директорката на Инфективна клиника вели дека секогаш има недостиг на медицински кадар. Додава дека секој има право да одлучи каде сака да работи.
„Секогаш сме во помал број од она што треба и што го посакуваме да го имаме. Секој има право да одлучи каде да ја продолжи својата кариера, како сака да ја продолжи и тука не можам да делувам. Во секој случај сите оние волонтери и сите колеги кои дојдоа на испомош, сериозно ни помагаа и со нов успеваме да се носиме со интензитет и тежина на работа која ја имаме“, посочи Милена Ставриќ.
Патриција Каламарис докторка која раководеше со Инфективното одделение во Болницата „8 септември“ најави дека ќе работи и во инфективното одделение во „8 септември“, но и во Систина.
„Ќе работам во двете установи заедно со целиот тим. Искрено се молам на Бога да ми даде сила на мене и целиот здравствен персонал да издржиме во оваа битка“
Премореност од борбата со КОВИД 19, е една од причините зошто медицинскиот кадар го напушта јавното здравство, потврди и министерот Филипче. А, пак претседателката на Здружението на медицински сестри Гордана Бешлиовска рече дека факт е дека во изминатиот период имаше трансфер на медицински лица од јавниот во приватниот сектор.
„Тоа е факт,тоа го знаеме сите ние во нашата фела, и континуирано се случуваат такви преминувања“, порача Гордана Бешлиовска.
Инаку двајца анестезиолози од вкупно 13 во Градската болница „8 Септември“, во најголемиот ек на пандемијата со Ковид 19, да заминат на работа во приватната болница „Систина“.
