Сите лидери на политичките партии излегоа со изјави по завршување на изборите. Иако не беа објавени резултатите, тие прогласија победа во неколку општини. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети им се заблагодари на граѓаните кои покажаа демократска култура.
„Уште еднаш честитки, најпрво до вас, најзаслужните, претседателите на штабовите, централниот штаб, сите активисти на ДУИ, како што бевме победници, така испаднавме победници и во овој толку важен процес“, истакна Али Ахмети.
Лидерот на Беса, Биљал Касами рече дека ќе работи како градоначалник на општината за сите граѓани без разлика која партија ја симпатизираат.
„Јас како иден градоначалник ќе бидам градоначалник за сите граѓани и ќе работам за сите, без разлика од која партија се. Очекувам поддршка од тетовци“, посочи Биљал Касами.
Лидерот на АА, Зијадин Села на неговото прво појавување по затворање на гласањето рече дека неговата партија победува во две урбани општини, Гостивар и Дебар.
„Ние како коалиција АА-ААА прогласивме победа во прв круг во Гостивар и Дебар, две општини кои ги добивме во прв круг, во пет други општини одиме во втор круг“, вели Зијадин Села.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека на овие избори победил народот и покрај сите нерегуларности и притисокот.
На крај излезе лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека не е вистина дека губат, додавајќи дека на крајот СДСМ ќе има повеќе општини од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи призна дека резултатот не е добар.
„Јас мислам дека овие избори беа тешки за ДПА. Ние не прифативме коалиција со ниедна партија која не ја зема предвид нашата програма. Бевме свесни дека сме сами меѓутоа ова е еден капитален резултат“, порача Мендух Тачи.
Вториот круг за локалните избори ќе се одржи во рок од 14 дена односно на 31 октомври. Во вториот круг одат само двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
