Ски сезоната сѐ уште не започна – на Попова Шапка нема доволно снег

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снег падна, но не доволно за да започне скијачката сезона во Попова Шапка. Директорот на туристичкиот центар ,Попова Шапка, Абдилгани Алији, изјави дека ски-лифтовите се целосно функционални и во моментов се прават подготовки и во хотелиерството  со цел сезоната да биде успешна.

„Чекаме да видиме следните денови како ќе биде и дали ќе имаме снег, но подготвени сме да го пуштиме во употреба центарот следната недела. Кај хотелиерските капацитети сме во делот на подготвување и ставање во употреба, бидејќи и таму имаме многу гости кои сакаат да го посетат туристичкиот центар. Таму наидовме на многу големи проблеми и веќе накај средина на месецот се трудиме да го пуштиме во употреба. Да видиме кога ќе бидеме подготвени“, вели Абдилгани Алији.

Според директорот, ски лифтовите се во функционална состојба.

„Претходно сите ски-лифтови не се проверуваа дали се подготвени за работа. Во текот на оваа време работевме и ги отстранивме дефектите. Имавме дефект кај шестоседот, кој го завршивме денеска и е подготвен за работа“, вели Абдилгани Алији.

Побаравме став и од инспекторатот кој се грижи за наблудување на ски-лифтовите.

„Ски-лифтовите се проверени од инспекциските органи и од истите добија позитивен сертификат. Покрај Државниот инспекторат за енергетика, ски-лифтовите ги контролира и Министерството за транспорт и врски“, велат од Државниот инспекторат за енергетика.

Иако трите паркинзи се целосно исчистени, паркингот во Попова Шапка останува проблем, посебно за време на викендите кога бројот на посетители е поголем.