Се поизвесно е дека Скопје и Тирана ќе се разделат на патот кон Европската Унија. На 19-ти јули 2022-рата година двете земји ја одржаа Првата меѓувладина конференција во Брисел, а сега Европската Комисија го закажува вториот состанок со албанските власти за октомври. Македонија пак, ќе чека стабилна политичка Влада во Бугарија, со која, како што вели премиерот Христијан Мицкоски, би можело да се разговара за идејата за уставни измени со одложена примена со кои би се деблокирал евроинтегративниот процес.
„Не би коментирал ни чекор повеќе, ни чекор помалку. Сега е период кога апсолутно не може ништо да се случи во тој процес“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Додека се чека стабилна бугарска власт, се поверојатно е дека шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски деновиве ќе оствари средба со техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија во Софија, но нема детали што ќе се најде на маса. Во меѓувреме, премиерот потврди дека има промена на членовите на македонско-бугарската историска комисија, кои работат под капата на МНР.
„Да, имаме промена во преговарачката комисија за историски факти од наша страна. Не можам да ги потврдам имињата, бидејќи сепак беше на затворена седница. Кога информацијата ќе биде декласифицирана, јавноста ќе биде запознаена и со имињата на членовите“, „Не би коментирал ни чекор повеќе, ни чекор помалку. Сега е период кога апсолутно не може ништо да се случи во тој процес“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Неофицијално, како ко-претседател од македонска страна Драги Ѓеоргиев ќе биде заменет со историчарот Ванчо Ѓорѓиев. Тој претходно беше дел од Комисијата, но поднесе оставка како нејзин член кон крајот на 2021-вата, поради, како што рече, политички притисоци од страна на висок функционер во МНР. Историчарите од двете земји повторно ќе се состанат на 18-ти септември во Скопје.
