За разлика од повеќето европски лидери, државниот врв во земјава ги нема коментирано заострените односи меѓу ЕУ и САД, особено по кавгата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот Доналд Трамп. Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, тоа може да се должи на антагонизмот од неисполнетите ветувања на ЕУ кон Македонија.
„Таа причина на антагонизам, мислам дека таму треба да се бара причината зошто молчиме, односно зошто молчи Владата во тој полуотворен конфликт.“, вели Петар Арсовски.
Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев не смета дека може да се нарушат нашите односи со Брисел, зашто сме посветени на интеграцијата, но потсети и дека сме стратешки партнери со САД.
„Во однос на САД да го почитуваме тоа што претставува стратешко партнерство и ние не би требало да се, на некој начин, плашиме од тоа дека нешто би произлегло по нашата македонска држава, за тоа што ние во даден простор и време поддржуваме една или друга иницијатива.“, вели Марјан Ѓорчев.
Коментирајќи ја изјавата на евроамбасадорот Михалис Рокас дека Македонија треба и преку гласањата во Обединетите нации да ја потврдува заложбата за ЕУ, Арсовски вели дека јазот меѓу Брисел и Вашингтон ќе се зголемува и тоа може да влијае на нас, додека пак Ѓорчев истакна дека Унијата требала да биде доследна.
„Кај нас тоа може да доведе до исклучив избор – ЕУ или САД и по првите потези на македонската дипломатија изгледа извесно дека ние во таа ситуација ќе ја избереме САД, наспроти ЕУ, слично како Орбан, Вучиќ итн.“, вели Петар Арсовски.
„Ние премногу значење даваме на амбасадорите, коишто некогаш даваат неквалитетни и изјави коишто не се точни и на некој начин креваат аларм во земјите коишто се посветени и коишто претрпеле толку многу жртви, како Македонија што има претрпено“, вели Марјан Ѓорчев.
Последно, во поткаст, заменичката министер за европски прашања Викторија Трајков кажа дека Владата е блиска со новата администрација на САД, но дека не се откажува од евроинтеграцијата и тоа е наша единствена опција, иако, како што додаде, во последно време амбасадорите во земјава имале дилема дали ќе се откажеме.
