Следен чекор – продолжување на полицискиот час – Татеши: Полицискиот час е политички час

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку се влоши состојбата со Ковид-19, ќе следат дополнителни рестриктивни мерки. Според министерот за здравство, Венко Филипче, следните чекори ќе бидат продолжување на полицискиот час и кратење на работното време на кафулињата и рестораните.

Првиот човек на здравство вели дека полицискиот час останува на сила, бидејќи како што рече, денеска има помалку од 1.000 заразени и не очекува полошо сценарио.

Од друга страна пак, опозициската Алијанса за Албанците револтирана од актуелните мерки. Беким Татеши од оваа партија, смета дека забраната за движење по 22 часот нема никаков ефект. Анти-ковид мерките ги нарече популистички, а полицискиот час – политички.

„Ние мислиме дека мерките се повеќе популистички отколку заштитни. За нас полицискиот час е политички час. И вие сте сведоци дека од 10 час навечер до 5 часот наутро не можете да го намалите бројот на болни и заразени. Ова се виде и во изминативе две недели во кои не постигнавме задоволителни резултати, дури напротив, бројките се зголемија, а болниците се преполнија“, истакна Беким Татеши.

И македонската опозиција незадоволна од работата на ресорното министерство. Бараат оставка од Филипче, обвинувајќи го за лошо менаџирање со состојбата со коронавирус и необезбедување вакцини за граѓаните. Во болниците или ковид-центрите се третираат 520 позитивни пациенти, информираат од Министерството за здравство. Инаку, денеска навршува една година од првиот смртен случај на коронавирус во нашата земја. Досега, битката со вирусот ја загубија 3.388 пациенти.