Бурна собраниска расправа се очекува овој викенд за кога е закажана седницата за избор на новата Влада. Опозицијата најавува жестоката дебата но и дека ќе гласаат против. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во своите расправи ќе докажат дека и овој владин состав е неспособен исто како и претходниот.
ВМРО-ДПМНЕ максимално ќе ги искористи своите институционални можности и ќе ги искористи 48-те часа за расправа во македонското собрание со цел на јавноста да и докаже дека ова е уште една резервна и како и претходната најнеспособна влада на СДСМ.
И пратениците од Алијанса за Албанците не се задоволни од предлогот на новиот владин состав на мандатарот Ковачевски.
Пратеникот од оваа партија Халил Снопче вели дека тие не се задоволни од тоа што дел од министрите за кои велат дека покажале голем неуспех во работењето се повторно предложени од мандатарот Ковачевски. Со ова тој ги продолжува истите политики на претходниот премиер кои се во интерес на клиентелистички групи а не на граѓаните, вели Снопче потврдувајќи дека ќе гласаат против новата Влада.
Ние ќе го оспориме прво легитимитетот на новата Влада, ќе го оспориме кадровското решение на мандатарот господинот Ковачевски. Со ова кадровско решение фактички нема доверба затоа што министрите од ДУИ анблок остануваат во Владата. Значи излегува дека министрите на ДУИ анблок биле совршени. Исто така министрите од типот на Спасовски, Николовски, Маричиќ исто така остануваат во оваа Влада а ние знаеме дека сме најкорумпирана држава според меѓународни инстанци во Европа според индексот на перцепција на корупција министерот за борба против корупција останува во Владата.
Во новата Влада која треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член.
СДСМ и коалицијата ќе имаат 12 министерства
ДУИ ќе има 6
Алтернатива добива 3 места.
Седницата за избор на новата влада е закажана за в сабота во 11 часот. Расправата може да трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа најдоцна до 24 часот на вториот ден, односно во овој случај во недела до полноќ. За избор на Владата потребно е мнозинство гласови односно најмалку 61 глас од вкупниот број пратеници.