Основниот суд во Куманово, по барање на Јавното обвинителство, одреди мерки на претпазливост, односно задолжително јавување за 18-годишната П.А., првата осомничена за бруталното тепање на 14-годишната Л.И. во Куманово, додека за другите две малолетнички Е.Ш. (16) и М.К. (14), кои учествувале во тепањето и ја снимиле жртвата, ќе се води кривична постапка во слобода за кривично дело насилство, според член 386 од Кривичниот законик.
„На 13.03.2026 година околу 18:00 часот, осомничените повикале едно 14-годишно девојче да излезе од нејзиниот дом, по што ја убедиле да влезе во една просторија во близина на спортскиот центар ‘Соколана’ во Куманово. Таму, најпрво ја навредувале, а потоа физички ја нападнале, снимајќи го целиот инцидент со мобилен телефон. По насилството, осомничените ѝ се заканиле на малолетничката да не го пријави инцидентот и да не зборува за снименото видео, заканувајќи ѝ се дека во спротивно ќе ѝ се случи нешто уште полошо.“, велат од СВР Куманово.
Осомничените кои се гледаат на видеоснимките, според полицијата, го повториле делото со истата жртва во текот на овие 4 месеци, како и со други малолетни девојчиња, со употреба на насилство и нивно снимање. За ваквите инциденти, социолозите бараат итни мерки од властите.
Професорот Ваид Џемаили вели дека оваа социјална фрустрација, покрај физичкото насилство и линчувањето преку социјалните мрежи, треба да биде третирана од властите со многу сериозност, за адолесцентите да не станат жртви.
„Третирани во професионален аспект, за жал, ова веќе се појави како појави кои нè загрижуваат сите нас како човечки суштества, институциите и општеството. Вината треба да се бара на пошироко ниво поради една ситуација создадена од новите генерации кои имаат неконтролиран пристап до социјалните мрежи, кои имаат силно влијание во формирањето на нивната личност и за жал оставаат последици. Последиците се исклучително големи за жртвите особено, ги споменувам нив на прво место.“, рече Ваид Џемаили.
Во текот на годината ова е трет случај во кој група адолесценти и деца се вклучени во пресметки и се снимаат со цел објавување на социјалните мрежи. Сличен случај на насилство врз една жртва се случил и во Тетово, а уште еден случај во Скопје. Потсетуваме дека Министерството за образование од септември ќе ја спроведува програмата со психолози за детектирање на раните знаци на деликвенција и употреба на насилство во училиштата, која доаѓа како последица на насилството во нивните семејства.
