„Се наоѓаме во Кичево. Тука сите патишта се проодни, но сепак движењето се одвива со потешкотии и со задолжителна зимска опрема. Во поранешната општина Зајас и поранешната општина Осломеј, многу села се без електрична енергија од 4 часот наутро. Снегот и понатаму паѓа, а улиците во градот и населбите се неисчистени, како и многу селски улици. На адреса на редакцијата на ТВ21 пристигнаа бројни поплаки за неисчистени улици и застои. Се вели дека на планинските предели и планинските села снегот достигнал дури до 40см“, истакна репортерката на ТВ21.
Улиците во Кичево и магистралниот пат се покриени со снег. Формирани се само коловозни летни по кои сообраќајот се одвива отежнато, а тротоарите за пешаците се целосно под снег. Од ЈП „Комуналец“-Кичево велат дека екипите се на терен уште од раните утрински часови, но дека снегот тешко се чисти.
„Ги расчистуваме главните улици во градот. Снегот е тежок и тешко се чисти. Досега немаме добиено никакви информации за застој. Ние како претпријатие го набљудуваме Кичево, а селата ги чистат други компании“, посочуваат од ЈП „Комуналец“ Кичево.
На Стража е воведена забрана за сообраќај на тешки возила, а во претпладневните часови се создадоа долги колони поради неисчистените коловози. Застој има и на улиците во Маврово, каде можат да се забележат возила паркирани околу пат во неможност да се движат.
Во Тетово улиците се расчистени, но движењето низ планинските села се одвива отежнато. Од ЈКП „Тетово“ велат дека секој терен е целосно покриен со потребната механизација.
„Досега секојпат е расчистен, а втората фаза продолжува со отстранување на снегот со цел проширување на патиштата за слободно движење на возилата. После 15:00 часот ќе се започне со трета фаза (фрлање сол и песок). Во моментов имаме приближно 500 тони сол и 3000 тони песок. Нормално, полесно би се менаџирала целата ова ситуација доколку вчера Советот на општината да донесеше заклучок за префрлување на сите надлежности на ЈКП Тетово за ова прашање, но и покрај тоа правиме се за да го решиме предметниот проблем“, додаваат од ЈКП Тетово.
При секои врнежи од снег доаѓа и до прекин на електрична енергија во многу градови во земјава. Во Кичево голем број села се во темница уште од 4 часот наутро. Без струја останаа и Охрид, Струга, Ресен и Дебар, но во текот на денот дефектите беа санирани.
