Фирмата „Голден Арт“ од Скопје продолжува со изградба на станови над Илирските гробишта во Скопје.
Од општина Карпош велат дека дозволата за градба е издадена со одлука на Советот во 2021 година, пред да биде пронајдена плочата со натпис „Дарданус“, а потоа беше утврдено дека таму има археолошки локалитет.
Но, дали постои веројатност Владата да интервенира за стопирање на работите? Вицепремиерот Изет Меџити рече дека тоа е поставено како прашање и ќе видат како може да го зачуваат наследството на оваа земја.
-Тоа е покренато како прашање во рамките на ВРЕДИ и ќе го преиспитаме, за жал, иако доцна. Иако беа артефакти кои ја докажуваат антиката на Албанците во Скопје и пошироко. За жал, доцна беше покренат како проблем и ќе преиспитаме за да видиме што можеме да направиме за да го зачуваме како наследство на оваа земја и на Албанците општо, изјави вицепремиерот Изет Меџити.
Во меѓувреме веќе четврти ден бараме одговор од Министерството за култура зошто е дозволено да се работи на овој простор. Што презело Министерството за култура за да го заштити и дали сметаат дека е оштетен простор со археолошки и историски вредности на Македонија? И денеска не добивме никаков одговор.
